„Трифун Костовски јавно изјави дека свесно сторил кривично дело. Во 2019 година префрлил речиси 3 милиони евра од депозитите на Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка, за да истите служат како обезбедување за поединечни кредити на правни лица клиенти на Еуростандард банка. Кредитите не биле вратени од тие правни лица. И на денот на затворање на Еуростандард банка во август 2020 година, овие пари депонирани на посебна сметка, Комерцијална банка ги присвојува. Значи, парите од депозитите на граѓани и фирми депоненти во Еуростандард банка се дадени како гаранција за кредити доделени на трети правни лица во друга банка. Нелегално доделени пари, потпишани и одобрени од Трифун Костовски како претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка и најголем акционер во истата“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Трифун Костовски јавно потврди и за низа други злоупотреби, проневери и манипулации кои се правени во рамките на организираниот грабеж на депозитите во Еуростандард банка. Па така, објави и дека проценителите на имот честопати запишувале фиктивни вредности на гаранции за кредитите делени од Еуростандард банка. И тоа се правело без тие да имаат претходен увид, а со цел само формално да се задоволат критериумите за доделување кредит. Увидот во официјалниот извештај за банката потврдува дека има повеќе десетици кредити во милионски суми кои немаат соодветно обезбедување односно гаранции, а за добар дел од нив постои и веројатност дека се фиктивни вредности. Се поставува прашање, зошто Трифун Костовски молчел и ги прикривал ваквите нелегални дејствија со години кога веќе добро знаел што се случува во банката?
Денес, резултатот на таквите нелегални дејствија е што најголем дел од фирмите должници во Еуростандард банка, сега во стечај, се веќе затворени или се во постапка на стечај. Додека, парите од депозитите во банката се префрлени на нечии туѓи сметки, на физички и правни лица, кои веруваме дека се веќе одамна познати на истражните органи и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Прашање е зошто нема одговорност и соодветна казна за сторениот организиран криминал неполни две години од затворање на банката? Банката се затвори во летото 2020 година, а сега сме веќе во пролет 2022 година.
Зошто молчи и кого заштитува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција? Зошто постојат закони? Каде е овде јавниот интерес? Зошто законите важат за едни, а не важат за други?“, прашуваат оттаму.