„Оштетени штедачи“: Околу 3.000 семејства се директно ограбени, измамени и изманипулирани, оставени на немилост на системот во сред пандемија

281 прегледи

Здружението, „Оштетени штедачи“, утринава се огласи со ново соопштение, во кое велат дека неказнивноста е се поголема во нашата земја, особено кога се работи за поголеми криминали, каде шансите за одговарање се се помали.

„Неказнивоста стана главна одлика во нашето општество. Колку повеќе криминалот е поголем толку повеќе има реални шанси да не се одговара и случајот да се остави во заборав за да времето го надживее. Сведоци сме на многу такви проневери и злоупотреби во нашата држава. Во нив често има имиња на политичари, бизнисмени но и разни други пробисвети, манипуланти и тешки криминалци. Без разлика на големината на штетата којашто е предизвикана, чувството на горчина и беспомошност секогаш е присутно кај оние што се оштетени, било колективно или индивидуално. Неказнивоста ги нарушува основните човекови вредности на слобода, правда и правичност и делува ретроградно во развој на нашето општество.

Кражбата на речиси 60 милиони евра од сега пропаднатата Еуростандард банка е одличен пример за неказнивост. Наместо раководните лица во банката, претседателите на надзорниот, кредитниот и управниот одбор, веднаш да сносат вина и одговорност за сторениот криминал, украдени пари од депозитите на граѓаните и фирмите депоненти во банката, тие уживаат во слободата и глумат жртви со нашите пари. Тие се оние кои го иницирале, организирале и свесно го одобриле масовното делење на непокриени кредити во милионски суми во евра на избрани фирми, со план да истите не се вратат. Направиле криминални шеми преку мрежа на фирми кои добивале пари од банката во форма на краткорочни позајмици на нивни сметки преку трансакции од други фирми кои потоа станале должници на банката. Така направените краткорочни позајмици во голем дел не се вратиле и поради свесно згаснување на тие позадински фирми или нивно носење во стечај. Таков е примерот и со фирмата на вујкото на директорот на банката Николче Петкоски, преку која фирма од банката биле пласирани повеќе од еден милион евра на позадински фирми како краткорочни позајмици во повеќе наврати. Меѓутоа, најголем дел од тие пари никогаш не се ни вратиле. Големи суми на пари во вид на непокриени кредити се делеле и на поврзани фирми како и на фирми кои користеле едно исто обезбедување за различни кредити. Раководните луѓе на банката ниту ги почитувале интерните политики и процедури за кредитен ризик ниту одлуката за управување со кредитен ризик ниту пак критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика. Едноставно, краделе на големо без ограничување ниту соодветна контрола и преземени мерки од Народната банка.

Сега одат и понатаму. Па така, семејството Костовски, продолжуваат со злоупотреба на нашите покрадени пари преку нивни нови инвестиции кои се и одобрени од нашите надлежни институции. Примерот со отворање на нова фирма за управување со инвестициски фонд како и најавеното обновување на познатиот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, се потврда за тоа што веќе јавно се знае.

За грабежот на депозитите во Еуростандард банка сведочат и мноштвото докази, документи кои веќе ги поседуваат нашите надлежни институции, но по се изгледа, свесно се остава на времето за да случајот застари и да нема одговорност. Пракса што сме ја виделе многу пати до сега. Уште поголема тежина во овој натпревар за неказнивост е и јавното признание на вина и одговорност од главниот носител на криминалот во банката Трифун Костовски, но надлежните институции повторно не реагираат и дозволуваат и понатаму времето да тече како ништо да не било.

Интересот на граѓаните за којшто секогаш јавно се залагаат народните избраници и државни службеници е длабоко повреден и оштетен во случајот на Еуростандард банка. Околу 3.000 семејства се директно ограбени, измамени и изманипулирани, оставени на немилост на системот во сред пандемија. Очекуваме токму тие народни избраници, владини службеници и надлежни државни институции кои ги плаќаме секој месец да ја завршат својата работа за која се надлежни, да ги казнат криминалците за сторениот криминал и да помогнат да ги вратиме нашите покрадени средства. Тоа е во интерес на нас граѓаните. Времето за ваше делување е сега!“, се вели во соопштението од здружението „Оштетени штедачи“.

Слични содржини