„Резултатите од приватната истрага на Трифун Костовски не нѐ изненадија ниту фрапираа. Тие само го потврдија тоа што го изјавувавме и објавувавме минатите две години. Масовен организиран криминал спроведен преку низа нелегални, законски забранети шеми на позајмици за покривање на достасани обврски на клиенти, перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти, злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификување документи, измами, незаконски манипулации и превари. Сите овие активности се случувале со години и биле водени од раководниот тим на Еуростандард банка, потпишани и одобрени од претседателите на одборите и потпомогнати од нивни колеги на значајни позиции во банката. Ова се фактите за пропаѓањето на Еуростандард банка, причините да таа стане несолвентна и се затвори пред две години“, соопштуваат денеска од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Прес конференцијата и извештајот за пропаѓањето на Еуростандард банка подготвени од еминентни експерти во банкарскиот сектор само ја потврдиja фактичката состојба за масовниот организиран криминал. Пошироката јавност е сега изворно запозната во повеќе детали за незаконските шеми на позајмување што масовно се правеле во други банки, за да преминат и во Еуростандард банка и да бидат главни причинители за нејзиното затворање. Се финансирале компании коишто не биле подобни односно кредитоспособни за добивање кредити од банки преку систем на подобни компании коишто вршеле функција на посредници. Тие посреднички компании добивале кредитите и веднаш, директно или индиректно, ги префрлале паричните средства на неподобните компании во форма на позајмици. И сето тоа диригирано и водено од самите банки. Притоа, како што е наведено во објавениот извештај, честопати се фалсификувале и релеванти документи како налози, одлуки и договори. Таквите криминални трансакции, законски недозволени и строго забранети, биле практикувани со години и во Еуростандард банка. Многу од компаниите со спорни и сомнителни кредити во Еуростандард банка, за кои објавивме во минатите две години, се наведени во објавениот извештај од приватната истрага на Трифун Костовски како директни корисници или посредници во тие криминални шеми.
Истрагата потврдува и дека Еуростандард банка воспоставила деловни односи со нерезидентни клиенти осомничени за перење пари. Па така, во првите три квартали од 2019 година, клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти во Еуростандард банка.
Исто така, во извештајот се потврдуваат и криминалните дела со нелегално префрлените 3 милиони евра земени од депозитите во Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка за да служат како залог за кредити на трети правни лица, а кои веќе имале голема изложеност во Еуростандард банка. На основа на таа нелегална трансакција, тие пари се повлечени од Комерцијална банка на денот за затворање на Еуростандард банка.
Сите овие и други нелегални трансакции наведени во извештајот се во доменот на измами, злоупотреби и проневери, казниви според кривичниот законик или други закони кои треба да ги санкционираат нелегалните активности на креаторите и организаторите на криминалот од раководниот тим на Еуростандард банка. Несомнено, сето ова било и е добро познато на Народна банка, чиешто ненавремено делување, игнорирање и молчење допринело да Еуростандард банка се затвори со најголема штета по депонентите на банката. Истото тоа игнорирање продолжува и понатаму, впрочем секоја посериозна институција која е формирана да служи на народот после вакви сериозни наоди од еминентни експерти во банкарскиот сектор би свикала прес конференција каде би одговорила на многуте неодговорени прашања што секој од нас а и од медиумите во моментов ги има. Наместо тоа добивме една изјава веке слушната претходно каде меѓудругото треба да заклучиме дека експертите сме ние а не сите други кои ни укажуваат на преголемата корупција во секој домен на општеството.
Како понатаму? Овој масовен организиран криминал, потврден и од приватната истрага на Трифун Костовски, како еден од осомничените за пропаѓањето на банката со сите свои нелегални активности, мора да има своја завршница односно одговорност. Го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да не молчи и да ја соопшти одлуката од истрагата која ја води повеќе од една и пол година. Законски сте обврзани да ја завршите истрагата. Зарем ќе дозволите да вакви и слични криминални шеми, измами и злоупотреби се случуваат во банкарскиот сектор, а да бидат оштетени маса депоненти, правни и физички лица, кои навидум се заштитени со закони кои го регулираат банкарскиот сектор, а фактички се единствените губитници од вакви криминални шеми и активности!?
Еве, и Трифун Костовски, усмено и писмено потврди преку неговата приватна истрага како се случувал организираниот криминал во Еуростандард банка. Што уште ви треба за да постапувате и го завршите случајот наречен организиран криминал во Еуростандард банка!? Волја сигурно не, поддршка однадвор сигурно не, храброст можеби, но пред сѐ одлучност да конечно во оваа држава победи доброто. Ќе завршиме со повторен цитат на Едмунд Бурк кој вели: “Единственото нешто потребно да лошото победи е добрите луѓе да не превземаат ништо“, се додава во соопштението.