Оштетени штедачи: Што избегнува да признае Трифун Костовски?

од Vladimir Zorba
468 прегледи

„Во очи на 22 август, „судбоносниот ден” којшто го најавува Трифун Костовски, а гледаме дека и го промовира со платени реклами, би сакале да го поддржиме и охрабриме воедно да конечно излезе со вистината за тоа што е сторено и како е сторено. Редно е сите инволвирани во овој организиран криминал, на еден или на друг начин, да ја дознаат вистината и да се соочат со последиците. Според неговите најави дека јавноста ќе биде фрапирана од податоците што тој ќе ги објави, би сакале да му порачаме дека нас повеќе ништо не може да не фрапира поврзано со овој случај бидејќи за нас фактите се јасни од поодамна. Нашиот став во врска со овој организиран криминал е јасен, но еве, повторно ќе го споделиме со јавноста“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Имено, мноштво индикатори, изјави, списи, извештаи и материјали упатуваат на едно заедничко за пропаѓањето на Еуростандард банка: масовен организиран криминал. Тоа е симболот за тоа што се случувало во Еуростандард банка со години. Институциите знаеле, знаела и Народна банка. Знаел и раководниот тим на банката, бидејќи од таму бил осмислен, инициран, почнат и се спроведувал организираниот криминал.

Во изминатите две години, Трифун Костовски, преку неговите колумни, не запозна со начините на кои се краделе парите од депозитите во банката со споделување на повеќе примери. Во пресрет на најавуваната објава на извештајот од неговата приватна истрага за пропаѓањето на Еуростандард банка, тој јавно сподели и дека во повеќе банки во земјата се користиле и сеуште се користат приватни трансакциски сметки на правни и физички лица за трансфери на финансиски средства без знаење на сопствениците на истите како и дека се кредитирале и сеуште се кредитираат фирми кои не биле ниту се кредитоспособни преку доделување на позајмици. Токму ваквите девијантни и криминогени појави се практикувале во Еуростандард банка, како што неодамна беше објавено од Трифун Костовски. Таа пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски на клиенти, која се случувала преку трансфери на позајмици од еден на друг клиент во банката и потоа парите исчезнувале, е констатирана и како една од главните причини за пропаѓањето на банката.

Едно е заедничко за сите вакви нелегални, криминогени трансакции кои масовно се спроведувале во банката, особено во последните неколку години пред нејзиното затворање. Сите тие трансакции биле одобрени од раководниот тим на банката. Во своите објави и изјави, Трифун Костовски избегнува да признае дека тој и неговиот раководен тим се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити, трансфери или позајмици кои не можат да се наплатат и поради тоа тие се главните виновници за пропаѓањето на банката.

Во Еуростандард банка не се почитувале интерните политики и процедури за кредитен ризик ниту одлуката за управување со кредитниот ризик и тоа кај масовен дел од кредитното портфолио кај правни лица клиенти во банката. Фактичката состојба на денот на затворање на банката говори дека 73 отсто од кредитното портфолио кај правните лица биле нефункционални кредити. Тоа ниво ни од далеку не може да се спореди со нивото на нефункционални кредити на правни лица во сите банки во земјата коешто изнесува околу 5 отсто. Сам по себе, овој индикатор покажува дека во Еуростандард банка масовно се краделе парите од депозитите преку разни форми на делување, потпишани и одобрени од главните носители на раководниот тим на банката. Трифун Костовски, како долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката, е несомнено еден од нив.

Ваквите криминогени практики доведоа да Еуростандард банка стане несолвентна и се затвори. Одговорност сеуште нема ниту официјално се знае каде завршиле парите од депозитите на правните и физички лица во банката.

Трифун Костовски најави дека во неговата приватна истрага се опфатени и други банки каде ваквите нелегални практики се практикувале и сеуште се практикуваат. Дали е тоа навистина така или не, би требало да утврдат надлежните истражни органи, а со цел и да спречат идни случаи на пропаѓање на банки како што тоа се случи со Еуростандард банка пред две години. Но, тоа не ја намалува ниту отстранува одговорноста на оние кои тоа го правеле во Еуростандард банка, а за кои мора да има одговорност. За тоа постои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, коешто иако има започнато истрага уште во февруари минатата година, сеуште молчи. До кога?

Трифуне, на тебе е редот да конечно излезеш со вистината пред твоите довчерашни депоненти кои токму на твојата банка ги доверија своите лични парични средства, барем толку заслужуваат, нели?! Ако институциите молчат, биди Ти тој што нема да молчи и испочитувај ја твојата парола „човекот пред се”. Биди човек и излези со вистината без оглед колку и да е таа тешка! “, додаваат оттаму

Слични содржини