„Коста Костовски, син на Трифун Костовски, речиси две децении бил претседател на двата кредитни одбори на Еуростандард банка – Одборот за кредитирање на правни лица и Одборот за кредитирање на физички лица. А токму масовното доделување и одобрување на ненаплатливи кредити, без соодветни гаранции или врз основа на меници како единствено обезбедување на кредити кои не можат да се наплатат, биле основната причина за постепеното пропаѓање на банката, до степен да таа стане несолвентна и да отиде во стечај пред две години“, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Според функцијата која ја извршувал како лице со посебни права и одговорности, Коста Костовски ги доделувал и одобрувал кредитите како претседател на кредитните одбори и за правни и за физички лица. Токму потписот на Коста Костовски за масовното доделување и одобрување на ненаплатливи кредити, а за кои се сомничи дека биле пропратени и со низа други нелегални активности кои ја доведоа банката во стечај, е основаното сомнение од обвинителството за неговото соучество во организираниот криминал во Еуростандард банка.
И во наодите од официјалниот извештај за економско-финансиската состојба на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање и во деталните објаснувања наведени во извештајот од приватната истрага на Трифун Костовски, се заклучува дека не се почитувале процедурите и критериумите за доделување и одобрување на кредити. Ниту пак се контролирал кредитниот ризик односно се вршела нереална класификација на ризикот на клиентите. Фактите говорат дека сето тоа се правело преку разни форми на злоупотреби на службената положба и овластување, фалсификување документи, измами и низа други незаконски манипулации.
Освен за кривичното дело предизвикување стечај на банка, обвинителството основано го сомничи Коста Костовски и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело. На надзорната расправа во Собранието одржана во ноември 2020 година, Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, јавно изјави дека преку Еуростандард банка се переле пари, операција која започнала во 2017 година и многукратно се зголемила наредните години. Беше речено дека во Еуростандард банка се отворале сметки на оф-шор компании преку кои се вршеле нелегални трансакции. Трендафилов тогаш изјави и дека на барање на Управата за финансиско разузнавање, во 2019 година обвинителството замрзнало околу 1,2 милиони евра од Еуростандард банка поради таквите нелегални дејствија. Перењето пари е потврдено и во извештајот од приватната истрага на Трифун Костовски каде е истакнато дека во Еуростандард банка во 2019 година клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на позајмици на најекспонираните клиенти во банката.
Веројатно Коста Костовски е свесен за многуте злоупотреби на службената положба и овластување кои допринеле за пропаѓањето на Еуростандард банка, перењето пари и низа други проневери за кои постои сериозно основано сомнение дека тој, неговиот татко Трифун Костовски како претседател на надзорниот одбор и Николче Петкоски како претседател на управниот одбор, ги правеле со години.
Од погоре изнесеното, и покрај сите нелегални, криминални активности сторени пред повеќе од две години откако Еуростандард банка е затворена, јавното обвинителство се уште не излезе со обвинение за учесниците во организираниот криминал“, велат, меѓу другото, од Здружението.