„Со месеци се изјавуваше и од главниот акционер на банката Трифун Костовски и од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска дека докапитализацијата на Еуростандард банка од 11 милиони евра во 2019 година е направена со сопствени средства од акционерите на банката. За да на 26 февруари оваа година, Трифун Костовски јавно објави дека докапитализацијата од 10 милиони евра, а не 11 милиони евра, е всушност направена со кредит за којшто е даден залог од 3 милиони евра, пари земени од депозитите во банката и префрлени на посебна сметка во Комерцијална банка, од каде бил земен кредитот. И откако парите од кредитот не биле вратени, тој залог е земен од Комерцијална банка“,соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Трифун Костовски јавно призна дека свесно направил кривично дело со злоупотреба на парите од депозитите на граѓаните и фирмите искористени за докапитализација на банката. Потврда дека е направен таков договор јавно стигна и од Комерцијална банка еден ден пред неговата изјава. Притоа, како потписник на таквиот криминален договор за кредит, Трифун Костовски тврдеше и дека на чинот на потпишување, меѓу другите, биле присутни и високи претставници од Народна банка. Воедно, Трифун Костовски тврдеше и дека сите акционери на Еуростандард банка биле уценети да потпишат изјави во името на Еуростандрад банка дека нема да покренуваат никакви постапки пред надлежните органи за нелегалното користење на депозитот од Еуростандард банка во Комерцијална банка.
Ваквиот криминален чин на зголемување на капиталот на Еуростандард банка за покривање на загубите на банката со пари од депозитите на граѓаните и фирми депоненти е незамислив скандал. Како е можно високи претставници на Народна банка да присуствуваат и кумуваат на ваков договор за нелегални деанија во банкарскот сектор како сосема нормална појава, а да потоа со месеци тврдат дека е се направено регуларно и во согласност со сите правила и процедури за заштита на депозитите на граѓаните и фирмите!?
Гувернерката Бежоска не само што знаела за намерата да се направи таква криминална докапитализација туку таа ја одобрила истата. Откако ја затвори банката минатата година, гувернерката со месеци тврдеше дека е се направено како што треба за да се спаси банката, а всушност таа допринела и го одобрила разграбувањето на паричните средства на граѓаните и фирми депоненти на банката“, велат од Здружението.