Оштетените штедачи на Еуростандард банка ќе протестираат пред ДКСК

од Vladimir Zorba
529 прегледи

„Борбата за правда е испреплетена со многу опструкции, закани и притисоци. Но, тоа е разбирливо кога се работи за крупен криминал во којшто се вклучени разни страни, како од бизнисот, банкарството па се до високи државни структури. Заедничко за сите нив е што тие не бираат средства да дојдат до туѓи пари“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Здружението на оштетени штедачи тоа најдобро го гледа со секој следен чекор, со секоја нова институционална битка за правда. Овојпат, на патот на правдата пред нас е уште една препрека. Имено, повторно, по втор пат, Уставниот Суд не донесе одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со којшто се дава предимство на Фондот за осигурување на депозити за целосна наплата на побарувањата пред сите други доверители. Ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да одлучува дали уставниот судија Дарко Костадиновски имал судир на интереси затоа што има релации со Коста Костовски, синот на Трифун Костовски, кој е главен акционер во Еуростандард банка. Иако се работи за апстрактен спор којшто се однесува за општи акти Устав и закон, а не за конкретни физички или правни лица, Уставниот суд побара од ДКСК да се произнесе иако ДКСК нема надлежност да одлучува по ова прашање. Одредбата во Законот за банки по којашто треба да се одлучува се однесува на сите граѓани. Ниту се однесува за Коста Костовски, ниту за Еуростандард банка, бидејќи тие не се предмет на постапката, ниту барале заштита на некое свое право како физичко или правно лице, ниту се подносители на иницијативата, ниту Законот за банки се однесува на нив. Тука нема никаков судир на интереси. Се работи за апстрактен спор меѓу Устав и закон, и во ваквиот спор може единствено и само да одлучува Уставниот Суд. Тој е единствен орган во државата којшто ја штити уставноста и законитоста и одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Но, и покрај ваквата поставеност на Уставниот Суд наспроти ДКСК, на телевизиско гостување на 16 април, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на ТВ АЛСАТ даде изјава дека постои судир на интереси во постапувањето на судијата кој бил во непосредна релација со Коста Костовски. Според нејзината јавна изјава, ДКСК се уште не добила барање од Уставен Суд, но во врска со предметната иницијатива, судијата требало да побара изземање од постапување по истата.

Се прашуваме, по чиј налог Билјана Ивановска се заканува на уставен судија? Бидејќи, во услови кога нема официјално поднесено барање ниту од Уставниот суд, ниту од судијата, прво е недозволиво да се даваат изјави во јавност и второ, недопустливо е да се цени судир на интереси врз основа на новинарски текстови или мислења изнесени во јавните гласила. Тоа е сериозен престап преку којшто се прави однапред обид за прејудицирање на решението на ДКСК, без да се има во предвид барањето од Уставен Суд, како и доказите и аргументите во насока на произнесување по тоа барање. Без да знае за каков предмет и иницијатива се работи, претседателката Ивановска наложува на уставен судија како да постапува. Со кое право и врз основа на која надлежност!? Ова е класична злоупотреба на службена должност и овластување на претседателката Ивановска. Поради сето ова, Здружението ќе излезе на протест пред просториите на ДКСК во понеделник, 19 април, во 10 часот, на којшто ќе даде и детално образложение за случајот.

Меѓутоа, зошто сето ова се случува и кој всушност врши притисок врз уставниот судија? Дали е тоа само г-ѓа Билјана Ивановска или таа работи по нечиј налог? Нашиот сомнеж е насочен кон една уставна судијка која ја девалвира работата на Уставниот Суд како целина и ја прави предмет на потсмев институцијата која треба да биде врв на правната држава. Убедени сме дека пролонгирањето и одложувањето на одлучување на Уставниот Суд со измислување на судир на интереси и правење на опструкции за да не се гласа за предметната иницијатива е поради исходот од изјаснувањето на уставните судии на последната одржана јавна седница по оваа точка од дневниот ред. Сметаме дека тоа се причините поради коишто уставната судијка прави опструкции и притисоци преку измислици и смислено пролонгирање на изнесувањето на Уставниот Суд, овојпат користејќи го ДКСК како изговор.

Да бидеме јасни, се работи за уставна судијка која доскоро беше судија во Кривичниот Суд Скопје на која многу добро и е познато дека судската власт има изградено поинакви механизми за заштита од судир на интереси кои се содржани во сите процесни закони по кои постапуваат судовите. За тоа е предвиден институтот „изземање”. Но, изземањето во судовите не се спроведува преку постапка пред ДКСК. Впрочем, не така одамна, оваа судијка беше прозвана преку медиумите (https://narodenglas.com/шокантно-обвинителката-стефановска/) од јавната обвинителка Лиле Стефанова дека истата лобирала за предметот „Империја”, во којшто предмет е осомничен познатиот бизнисмен Орце Камчев. Запрашана дали таа судијка која вршела притисок врз обвинителката Стефанова е судија од Одделот за организиран криминал и корупција, обвинителката Стефанова одговорила: „Да. Тоа е судијата Добрила Кацарска. Таа не се јави кај мене, туку кај друг колега. Но беше присутна тука во судот цела вечер кога се одлучуваше за мерката притвор на Орце Камчев. Беше присутна од рано утро, до другото утро следниот ден”. Значи, заради личен интерес (нејзината ќерка е вработена во приватната болница „Систина”), Добрила Кацарска лобирала за Орце Камчев да не оди во притвор и ја искористила нејзината службена положба и овластување да прави притисоци кај нејзини колеги и кај јавната обвинителка Стефанова. Се сомневаме дека и сега постојат такви притисоци и налози, и тоа кон претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. Но, судијката Кацарска добро знае дека за нејзината одговорност и судир на интереси за овој случај не одлучуваше ДКСК, туку Судскиот Совет. Затоа, ја повикуваме и претседателката на ДКСК и останатите членови на Комисијата, како и уставните судии да не влегуваат во вакви сценарија, туку да се држат само до Уставот и законите. Почитувани, немојте да се угледате на Добрила Кацарска, иако е наградена и неодамна унапредена во уставен судија. Не заборавајте дека се е менливо и минливо, само правдата и вистината се трајни вредности.

И за крај, прашуваме, како тоа ДКСК не се одважи да поведе предмет за корупција за ниту едно од многуте случаи со злоупотреби, малверзации и проневери за коишто веќе неколку месеци аргументирано укажува Здружението „Правда за штедачи”, и во коишто се вклучени видни личности, особено од Народна банка? И покрај многуте соопштенија од нас во јавните гласила, никој досега ниту не повикал, ниту не прашал за нашите сознанија. Како за тоа се молчи повеќе од осум месеци, а сега, по нечиј налог, се изнесуваат небулози за некаков судир на интереси во апстрактен спор којшто се однесува за општи акти Устав и закон и без да се има надлежност за постапување?

Слични содржини