Факт е дека криминалот во Еуростандард банка се повеќе добива на значење во јавноста. До Здружението „Правда за штедачи” пристигнаа информации, проверени и потврдени, кои ја прошируваат и дополнуваат сликата за направениот криминал со дадениот, но не вратен кредит од 510 илјади евра на фирмата Бартон дооел од Кавадарци, чиј сопственик е Слободан Наумовски. Имено, криминалот започнал уште во филијалата на Еуростандард банка во Кавадарци, чијшто директор со години бил токму Слободан Наумовски. Оттука, јасно е дека малверзациите и злоупотребите, во овој случај, биле генерирани одвнатре, соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Станува појасно и зошто долгот од половина милион евра го нема во билансите на фирмата Бартон дооел од 2019 година па наваму. Тоа се поклопува и со времето кога Слободан Наумовски ја напушта филијалата и неговата долгогодишна позиција како директор на истата. Исто така, тоа се поклопува и со напуштањето на банката од директорот на Еуростандард банка, Николче Петкоски, кој е во самиот криминален врв за грабежот на депозитите, како составен дел на највисокото раководство на банката, заедно со Трифун и Коста Костовски. Тоа објаснува и зошто е даден така голем кредит на фирма само на основа на обична меница, фирма која имала приходи од рангот на 1.700 евра во 2017 година, за да годините после тоа немала никакви приходи. Фирмата и ден денес е активна, но со вкупен капитал од 2.850 евра и без приходи. Капиталот на фирмата е околу 180 пати помал од земениот кредит. Практично, од фирмата не може ништо да се наплати.
Податоците говорат дека куќата во Кавадарци во којашто живее Слободан Наумовски со неговото семејство, ја има препишано на неговата мајка. Тоа е добар сигнал дека, Слободан Наумовски, планирал да не одговара ниту со својот личен имот, надевајќи се дека неговиот случај ќе помине незабележан и без посебни потешкотии. Прашање за истражните органи, каде завршиле нашите пари земени од Слободан Наумовски. Трагот на парите е познат. Доказите кои ги поседуваме говорат дека еден дел од нив, околу 344 илјади евра, завршиле како позајмица од фирмата Бартон дооел на Друштвото за производство, трговија и услуги ГАЛАФАРМ 2 Елеонора дооел Скопје. Тоа е само еден мал дел од големата криминална мрежа на фирми со трансфери на кредити и позајмици, за која и директорот на управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, пред неколку месеци тоа јавно го изјави.
Сумарно, кредитите се делеле за да не се вратат и да се сокрие трагот на парите. Таквите фирми понатаму свесно се носеле во стечај, се затворале, многу од нив се сега и пред финансиски колапс. Бартон дооел е само еден пример. Кредитите ниту се побарувале ниту се водело сметка за наплатата на ратите. Тоа е така бидејќи највисокото раководство на Еуростандард банка, оние кои ги одобрувале големите кредити и чиишто потписи се наоѓаат на документите за одобрување, ги давале истите без покритие и несомнено биле мотивирани со поделба на така украдените пари.
Тоа што е централно во целиот овој масовен грабеж е однесувањето на Народна банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Ниту контролирале, ниту не заштитиле. Нели прават теренски и вонтеренски контроли, ги проверуваат во детали примероци од кредитите, го оценуваат ризикот на пласманите и како банката управувала со истиот. Повеќе од половина фирми во кредитното портфолио на банката имаат ненаплатливи или тешко наплатливи кредити. Што гледале а не виделе од Народна банка!? Освен сето тоа, оваа институција е законски обврзана да издава лиценци за работа и да ги одзема истите. Како може да се објасни фактот што лиценцата за работа на Николче Петкоски, тогашниот директор на Еуростандард банка, е продолжена во 2018 година наместо да му се одземе? Од сето изнесено и доказите кои се евидентни и лесно проверливи, заклучуваме дека гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со своите активности е дел од организираниот криминал и високата корупција, додека сите ние, физички и правни лица депоненти, сме целосно оштетени од злоупотребата и измамата што оваа висока државна институција и првиот човек во неа заедно со нејзиниот прв тим ја направиле. За тоа мора да има одговорност, а нас украдените пари да ни се вратат во целост. Друго решение не постои“, велат од Здружението.