Агенцијата за супервизија на осигурување побара осигурителните компании кои оствариле добивка лани да не делат дивиденда.
Агенцијата соопшти дека основа на препораката се неповолните резултати остварени во секторот лани.
„Падот на приходите на осигурителните компании за 5 проценти лани, трошоците за имплементација на повисоки стандарди за заштита на осигурениците и зајакнување на солвентноста на компаниите, како и промени во правилата за пресметка на технички резерви се клучните причини за оправданоста на препораката“, појасни Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Дополнително, додаваат од АСО, од почетокот на годинава побарувањата нема да се признаваат како средства за покривање на техничките резерви на осигурителните друштва.
„Со цел зголемување на заштита на правата на осигурениците односно купувачите на осигурителните полиси и истовремено зајакнување на солвентноста и стабилноста на осигурителните компании АСО донесе три суштински значајни правилници чија примена стапи на сила од почетокот на оваа година. Имплементацијата на овие правилници за осигурителните компании ќе значи дополнителни вложување финансиски средства и ресурси“, додаваат од АСО.
Препораката денеска е испратена до сите осигурителни компании на домашниот пазар за осигурување.