АСО бара Владата да го измени тарифникот, тврдат дека зголемувањето на цените е неоправдано

од Nikola Popovski

Од Агенцијата за супервизија на осигурување соопштија дека ѝ сугерирале на Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително автомобилско осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето останува на анализата дека потегот на осигурителните компании за зголемување на осигурувањето за задолжителна автомобилска одговорност е целосно неоправдан.

Во аргументите доставени до Министерството за финансии, Агенцијата наведува дека зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.

Денес во Министерството за финасии ќе има нов состанок каде повторно ќе се разговара, дали граѓаните ќе продолжат да плаќаат за 15% повисоко на осигурувањето за регистрација на возилата.

Во Комисијата за автомобилска одговорност, која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, има членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Од минатиот четврток цените на осигурителните полиси за автомобилите се повисоки за 15 отсто со што поскапува регистрацијата на возилата. Овие цени се однесуваат на автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста. Оправдувањето на осигурителните компании за одлуката за зголемување, ја оправдуваат дека повеќе од десет година цената не е промената, а трошоците им се зголемиле.

Слични содржини