Бруто исплатените штети на ниво на македонскиот пазар на осигурување во изминатата година изнесувале вкупно 12,11 милијарди денари. Од вкупната сума, 10,4 милијарди биле исплатени за не-животно осигурување, а 1,7 милијарди за осигурување на живот. Фактот дека овој износ е поголем во споредба со 2021 г. кога биле исплатени вкупно 11,24 милијарди денари, ( 9,8 милијарди за не-животно осигурување, а останатите за осигурувањето на живот) е доволен доказ дека граѓаните и покрај високата инфлација и економската криза , покажуваат зголемен интерс за осигурување на својот живот, здравје и имот.
Осигурителните компании најмногу штети исплатите по основ на автомобилска одговорност, а најмалку за туристичка помош. Следствено на ова, зголемен е и бројот на исплатени штети, па така на пример за последниот, четвртиот квартал во 2022 година тој е покачен за 29.13% во однос на истиот период во 2021, додека најголемото зголемување (98%) се однесува на категоријата останати класи.
Поголеми бројки во 2022 година во споредба со 2021 година се регистрирани и во однос на бруто полисираната премија. Таа изнесувала 31,8 милијарди денари (од кои 26,4 милијарди за не-животно осигурување, 5,4 милијарди за осигурување на живот) и е за 2,76 милијарди денари повеќе во споредба со претходната година. Во 2021 година бруто полисираната премија изнесувала 29.06 милијарди денари ( 24,4 милијарди не-животно осигурување и 4,65 милијарди денари осигурување на живот).
Во рамки на пазарната концентрација по основа на бруто полисирана премија (не-животно осигурување) во текот на сите квартали на 2022 година предничи компанијата “Триглав осигурување”. Така на пример во последниот, четвртиот квартал oва осигурително друштво на пазарот учествува со 14.44%, потоа се Уника (10.86 %), Еуролинк (10.71%), Сава( 10.2%),Македонија(9.49%), Винер (9.36%), Евроинс (9.11%), Кроација (8.98%), Осигурителна полиса (6,84%), Халк (6.59%) и Граве .(3.42%). Сите осигурителни компании бележат зголемувања во однос на 2021 година.
Од друга страна, кај осигурувањето на живот, во однос на бруто полисираната премија, на прво место е Кроација. Во четвртиот квартал ова осигурително друштво на пазарот учествува со со 31.62%. Зад него е Граве (22.15%), Винер живот(17.56), Триглав живот(16.14%) и Уника живот (12.54%). Од овие осигурителни друштва најголемо зголемување во однос на последниот квартал 2021 г. има “Триглав живот”, кај “Уника живот” и “Винер живот” тоа е минимално, а намалување е регистрирано кај “Граве” и “Кроација живот”.
К.В.С.