Османи: Администрацијата на Трамп може да помогне во деблокирањето на европската интеграција на Македонија

од Nikola Popovski
129 прегледи

Доколку новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и САД директно и формално се вклучат во гарантирањето на процесот на европска интеграција на С.Македонија, може да се создаде порелаксирана атмосфера во земјата за влез во поадминистративниот дел од членството во ЕУ, смета поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, за блокираниот европски пат на земјава и потребата од спроведување на уставните измени, со цел исполнување на Преговарачката рамка со ЕУ.

Размислувањето на Османи е „во различниот пристап кон меѓународната политика“ на Трамп и неговата администрација.

„Мислам дека во оваа фаза е доволно Америка да биде гарант на дилемите овде – дали ова (уставните измени) е последно барање или не. Како што направи германскиот Бундестаг, на пример, во однос на идентитетските прашања“, рекол Османи за емисијата на „360 степени“, емитувана на МРТ1.

Екс-министерот тврди дека со блискиот соработник на Трамп и по се извесно еден од важните функционери на новата американска администрација за нивната надворешна политика, Ричард Гренел, покрај премиерот Христијан Мицкоски, се сретнал и претседателот на најголемата албанска партија ДУИ, Али Ахмети.

„Гренел е добар познавач на околностите овде и има лични контакти, тој е запознаен со политиката овде. Мислам дека тоа е добро. Затоа што кога имате некој во внатрешниот круг на Трамп кој ги знае околностите, тоа значи подиректен ангажман. Така што тоа што и премиерот и Ахмети се сретнаа со Гренел, а Гренел е во потесниот круг на Трамп, е добро за нас. Сметам дека ни треба повеќе американски ангажман и за последното прашање со Бугарија и ЕУ и тоа може да биде дополнителна вредност“, вели Османи.

Слични содржини