Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјавил дека во Албанија и Косово постои погрешна перцепција дека Албанците од Северна Македонија се „бранители на правата на Албанците“.
„Има недоразбирање и во Албанија и во Косово, кога одиме таму како албански функционери, нè гледаат како да сме само бранители на правата на Албанците. Ние сме лидери на земјата, ние сме господари на својата куќа. Јас сум министер за надворешни работи на Република Македонија и денеска официјалниот став кон Косово е дека го поддржуваме дијалогот меѓу Косово и Србија со цел заемно признавање“, изјавил Османи за „Euronews Albania“, пренесува „Kosovo Online“.
Тој оценил дека односите со премиерите на Косово и Албанија, Албин Курти и Еди Рама се коректни и институционални и дека секогаш ќе соработува со политичар кој народот ќе го избере на некоја функција.
Османи го пофалил албанскиот премиер за ставот што го зазел кон Албанците во Македонија, повикувајќи на обединување без заземање страна. Османи изјавил дека на Албанците во земјава не им треба покровителство, туку соработка.
„Односите со Рама се принципиелни и коректни. Тој го задржа вториот принцип – повика на единство, но не зазеде страна. Ние не сме малцинство во Северна Македонија, денес имаме премиер, министер за надворешни работи. Не ни треба никакво покровителство, потребна ни е соработка, ние сме господари на нашата куќа. Ако почнеме со политичка интервенција, ги кршиме етничките и политичките односи кои ги прават Албанците одлучувачки, рамнотежата е нарушена“, заклучил Османи.