Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска се обрати на одбележувањето на Националниот ден на Чешката Република, што се одржа во Музејот на современа уметност, во организација на Амбасадата на Чешката Република во Северна Македонија.
Османи во своето обраќање упати честитки и желби за просперитет на Чешката Република и благосостојба на нејзините граѓани. Исто така, министерот посочи дека во изминатите 27 години воспоставени дипломатски односи меѓу двете земји, со заеднички напори, Северна Македонија и Чешка успеале да стекнат високо ниво на меѓусебна доверба и разбирање, да изградат одлични пријателски билатерални односи и да воспостават продуктивна соработка во многу сектори.
„Чешката Република е вистински пријател на Северна Македонија. Земјата беше и останува искрен и гласен поддржувач на нашата европска интеграција, а како две земји сојузнички во НАТО, демонстрираме единство и солидарност во справувањето со предизвиците што се производ на глобалните безбедносни промени. Ова пријателство не се демонстрира само во контекст на нашата евроинтеграција, туку напротив, изминатите години Чешка покажа солидарност и понуди помош во неколку наврати, во справувањето со мигрантската криза во 2015, но и во справувањето со КОВИД пандемијата”, истакна Османи.
На настанот организиран од амбасадата на Чешката Република за одбележување на нивниот Национален Ден, присуствуваа претставниците на дипломатскиот кор во земјата и бројни претставници од државните, но и невладините институции во земјата.