Османи: Cторителите на ужасните злосторства во Буча мора да одговараат

од Vladimir Zorba
150 прегледи

По повод годишнината од ослободувањето на украинскиот град Буча, Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи преку видео врска се обрати на Бучанскиот самит кој се одржа денеска во Киев.

Самитот беше свикан со цел да се потсети на злосторствата извршени во Украина, а посебно масакрот во киевската област Буча кога повеќе од 460 лица беа убиени од страна на руските воени сили.

Во своето обраќање, во својство на Претседавач со ОБСЕ, Османи ја повика Руската Федерација на итен прекин на огнот во Украина и безусловно повлекување на своите воени сили и потсети дека имињата Буча, Ирпин и Мариупол се очигледен потсетник дека мирот и човечкото достоинство не ни се секогаш загарантирани.

Додека меѓународната заедница бара правда, тој повика и жртвите на овие злосторства да не бидат заборавени, нагласувајќи дека огромното уништување низ цела Украина сè уште продолжува, а тоа значи и целосно непочитување на вредноста на човечкиот живот.

„Одговорноста мора да надвладее. Не може да има неказнивост за воените злосторства, меѓународната заедница не може да остане нема и да дозволи сторителите да останат неказнети. Затоа, мора да се дејствува решително. Прекршувањето на меѓународното хуманитарно право мора да се реши”, потенцираше Османи.

Османи се осврна и на Московскиот механизам на ОБСЕ како прв меѓународен извештај кој даде јасни индикации за извршените злосторства во Буча и други места во Украина, потсетувајќи дека постојат бројни извештаи и од други меѓународни организации, вклучително и Обединетите нации. Во својство на Претседавач со ОБСЕ, тој потсети и дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е очигледно кршење на меѓународното право, на принципите на Повелбата на ОН и на принципите на ОБСЕ.

„Руската војна против Украина ги урива темелите на ОБСЕ, што се коси со принципите за кои се договоривме цврсто ги почитуваме. Визијата на ОБСЕ, како центар на меѓуконтинентална кооперативна безбедност, е ставена на тест. Претседателството на Северна Македонија ќе направи сè за да ги заштити принципите и заложбите на ОБСЕ. Треба да продолжиме со нашата поддршка и да ѝ помогнеме на Украина да ја обнови земјата, откако војната ќе заврши”, рече Османи.

Бучанскиот самит имаше за цел и усвојување на заклучниот документ, Бучанската Декларација за одговорност за извршените злосторства на територијата на Украина, за која министерот Османи во национално својство рече:

„Во мојот национален капацитет, би сакал да истакнам дека Северна Македонија се солидаризира со народот на Украина во овие најтешки времиња. Ние го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Сторителите на ужасните злосторства во Буча и други места во Украина мора да бидат изведени пред лицето на правдата”, рече Османи.

Инаку на Бучанскиот самит се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, а истиот, меѓу другото, имаше за цел и да ја зголеми меѓународната поддршка за формирање Специјален трибунал за кривичните дела на агресија извршени врз Украина, со што треба да се затвори јазот во надлежноста на Меѓународниот кривичен суд.

Слични содржини