Во рамките на учеството на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на „Анталија дипломатскиот форум“, денеска се обрати на панелот со наслов „Дијалог за помирување на Балканот“.
-Регионот на Западен Балкан и покрај демократските дефицити и слабости има специјална улога во и за Европа. Целосното нивно интегрирање е од директен политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција кон стабилен и просперитетен регион во рамки на континентална Европа, изјавил Османи.
Според него, овој регион е срцето на Европа, опколен со земји членки на ЕУ и не смее да се дозволи да биде ранливата точка на континентот, а ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено неопределено прашање.
Форумот претставува годишен собир на политички лидери, високи функционери, видни академици, креатори на јавното мислење, претставници на медиумите и бизнисот ангажирани во меѓународните односи и дипломатијата. Годинешното издание се осврна на широк распон на теми и на светските случувања, вклучително и Украина.