Кандидатот за градоначалник, Бујар Османи, на собирот синоќа со граѓаните на Чаир, испрати моќна порака исполнета со емоција и решителност. Тој го повика народот на историски ден 19 октомври, кој, како што рече, ќе остане запаметен како „ден на ослободувањето на Чаир”.
„На 19 октомври, само едно излегување на гласање може да донесе повеќе од четири големи победи. Победи што директно ќе го променат животот на секој од нас, на нашите семејства и на нашата општина”, порача Османи пред преполната сала во Чаир.
Тој истакна дека првата и најважна победа ќе биде „ослободувањето на Чаир по дваесет години заробеност”.
„Нашата општина, мала но со добри луѓе, е заробена од една клика која и ја задушила душата. Не и дозволува да дише слободно, не и дозволува да им служи на луѓето. Денес зградата на општината е претворена во партиско седиште, а самата општина, во ресторан. Време е да ја ослободиме”, изјави Османи, предизвикувајќи силен аплауз и поддршка од присутните.
Во своето обраќање тој нагласи дека не влегол во оваа битка за функција, туку за промена.
„Не се кандидирам за да ја водам општината Чаир, туку за да бидам глас на луѓето. Глас на фрустрацијата и незадоволството што многумина долго време не можеле да го изразат. Јас не ветувам чуда. Ветувам чесност, дисциплина, напорна работа и партнерство со граѓаните. Тоа е нашиот завет кон идните генерации.”
Османи исто така порача дека втората победа на 19 октомври ќе биде победа и за целиот град.
„Со само едно излегување на гласачко место, покрај тоа што ќе го ослободиме Чаир, ќе влијаеме и врз победата во градот Скопје, каде што Абдул Селами е на чело на листата. Скопје заслужува нова енергија и нова надеж”, нагласи тој.
Настанот заврши во атмосфера на ентузијазам, надеж и единство, со повици од граѓаните за промена и поддршка на новата визија на Османи за Чаир што припаѓа на луѓето, а не на поединци.