Османи до Мицкоски: Самиот се заглави во ќорсокак – наместо лов на вештерки, нека ги чуе пораките на Кошта и другите сојузници

од Nikola Popovski
552 прегледи

Екс-шефот на македонската дипломатија и потпретседател Бујар Османи реагираше на денешните повторени обвинувања од премиерот Христијан Мицкоски дека го распродавал македонскиот идентитет додека бил министер. Османи му порача дека прво преку изборен популизам, ја ограничил можноста дипломатијата суштински да се ангажира и да обезбеди напредок во преговорите со ЕУ. Потоа, вели Османи, целата држава ја стави во заложништво на сопствени ветувања , кои и ден-денес никој не може да ги објасни.

-На крај, го зароби и сопствениот маневарски простор во политиката – и сега, наместо да ги исполнува условите на ЕУ, тој ѝ поставува услови на Унијата. Ова не е само неисполнето ветување – туку длабоко нарушување на европското досие на државата. Г-дин Мицкоски не само што нема план, туку никогаш и немал визија за одмрзнување на процесот. Наместо тоа, гледаме преместување на фокусот кон алтернативни партнерства, далеку од европската перспектива. Во таа опасна насока, премиерот постојано бега од одговорност, делегирајќи „виновници“ и создавајќи поделби. Тоа не е лидерство. Тоа е бегање од одговорност, посочи Османи во објава.

За екс-министерот, фактичката состојба е едноставна и секому јасна: претходната Влада – не поединец, туку цела институционална структура – му остави одличен маневарски простор.

-Наместо историски или идентитетски прашања, Преговарачката рамка го признава македонскиот јазик, ја афирмира мултиетничката демократија и предвидува уставни измени што се веќе дел од нашиот систем. Мицкоски има едноставен излез, но самиот се заглави во ќорсокак. Наместо лов на вештерки, треба да ги слушне пораките од Претседателот Кошта и другите сојузници. Нема план Б. Постојат само одговорност и храброст да се реализира планот А. За тоа – потребно е вистинско лидерство, а за лидерство – потребни се лидери, посочи Османи.

Премиерот претходно повторно го обвини екс-министерот за надворешни работи дека направил голема грешка во минатото и преговарал за македонскиот идентитет. Порача дека тоа „нема да го заборави и нема да заборави каква штета нанел на народот, преку непочитување на своите граѓани“. Вели ќе бараат начин за решавање на проблемот – „дали оваа генерација или некоја следна, ќе го реши“.

-Ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој чове. Ако тој не го почитува својот сосед, тогаш не го почитува ниту своето семејство ниту својот народ. Тој проблем што тој човек го направи не доведе во ваква ситуација – од шампиони во регионот и во Европа, да не можеме да почнеме преговори со ЕУ. Верувам дека ќе најдеме решение, ќе изнајде ЕУ механизми за да го добиеме местото на заслужената маса, рече Мицкоски при посетата на општина Желино.