Османи до Сиљановска: Популизмот можеби носи поени за денес, но ѝ штети на државата утре

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Екс-шефот на дипломатијата, Бујар Османи ѝ одговори на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откако синоќа му порача дека екс-министерот за надворешни работи си ги пречекорил овластувањата. Османи со жалење констатира дека претседателката, како што вели, наместо да ја користи својата функција за да ја поддржи европската иднина на државата, продолжува да шири дезинформации кои сведочат за сериозно непознавање на основните процедури на ЕУ.

-Преговарачката рамка не е документ што го потпишува министерот за надворешни работи, туку е усогласена и усвоена од сите 27 земји-членки на ЕУ, по што ја усвојува Владата и ја гласа Парламентот. Во нашиот случај, преговарачката рамка беше поддржана со 67 гласови во Собранието, вклучувајќи ја и содржината на протоколите, објави Османи.

Според него, најмалку што може да се очекува од една претседателка е да биде информирана и да се изразува одговорно.

-Популизмот можеби носи поени за денес, но ѝ штети на државата утре. А од една професорка, сепак се очекува барем основно познавање на материјата, потенцира сегашниот потпретседател на ДУИ.

Давкова го критикуваше Османи за пречекорување на овластувањата во однос на протоколот што е дел од Преговарачката рамка со ЕУ, потенцирајќи дека „не може протокол да биде дел од рамка“, и изрази сомнеж за начинот на кој тој го потпишал овој документ.

Давкова вели дека доколку Заедничката мултидисцилинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија не ја заврши работата и не постигне консензус за отворените прашања меѓу Скопје и Софија за историјата тогаш приказната со евроинтеграции на земјава нема да заврши, односно ќе биде причина за ново вето од Бугарија.

Во однос на предлогот за уставни измени со одложено дејство, кој го претстави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, Сиљановска Давкова истакна дека иако предлогот е „извонредно конципиран“, Бугарија не го прифаќа, а поради консензусот не може да помине.

-Се обидел да го презентира, но е неприфатен, рече шефицата на државата во емисијата „Вин-вин“.

Слични содржини