Османи: Додека Косово спроведува вежби со американската војска, Србија го дестабилизира регионот со Русите

од Vladimir Zorba
220 прегледи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи ја обвини Србија за зајакнување на влијанието на Кремљ во регионот со организирање заеднички вежби со руската армија.

Таа се пофали дека за тоа време, косовските безбедносни сили учествувале во заеднички воени вежби со американските сили.

„Додека Косово и другите земји од регионот учествуваат во заеднички воени вежби со американската војска, Србија го зајакнува влијанието на Кремљ и го дестабилизира регионот со организирање на заедничка вежба со руската војска“, напиша Османи на Твитер.

Седумдневната обука на припадниците на 72-та бригада за специјални операции на српската армија и на втората бригада на специјалните сили на руските вооружени сили заврши денеска на полигонот „Орешац“ со тактичка вежба со борбено пукање на српски и руски посебни сили.

Во исто време, контингентот на безбедносните сили на Косово учествува на мултинационалната вежба „Лауфер 21“ во Хрватска, која е дел од вежбата „Непосреден одговор 21“, во рамките на меѓународната вежба „Бранител на Европа 21“, предводена од американската армија за Европа.