Османи: ЕУ треба да изврши притисок врз Србија затоа што ги крши договорите

од Vladimir Zorba

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека Белград е тој што дејствува еднострано од 2016 година и кој ги крши договорите од Брисел, а не Приштина.

Османи на Фејсбук ја повика Европската унија да изврши притисок врз Владата на Србија „веднаш да престане со провокациите кон Косово и злоупотребата на граѓаните за политички цели“.

„Косово денеска целосно ги имплементираше договорите потпишани во Брисел, кои Србија ги игнорираше и продолжува да не ги спроведува“, напиша Османи, реагирајќи на барањето на ЕУ, Белград и Приштина да ги смират тензиите поради новата ситуација на северот на Косово поради воведувањето на „мерките за реципроцитет“ од страна на Приштина.

Таа оцени дека „мерките за реципроцитет“ во однос на регистарските таблички не може да се сметаат за еднострано дејство, туку за „акција во согласност со потпишаните договори“, која, како што наведе, треба да ја побара и ЕУ.

Османи, исто така, тврди дека „илегалните српски структури“, кои, како што наведува, се финансирани од Србија и добиваат наредби оттаму, „преземаат дејствија што не само што ги прекршуваат бриселските договори, туку и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и стабилноста на регионот“.

„Според непроменет рецепт од минатото, Србија ги користи српските државни институции за да ја загрози нашата земја“, тврди Османи.

Таа додаде дека ниту еден вид закана од Србија нема да ја спречи Приштина да го спроведе законот во согласност со меѓународните обврски, „и во корист на сите граѓани, без оглед на етничката припадност“, пренесе Танјуг.

„Одлуката на косовската влада да спроведе реципроцитет со Србија на регистарските таблички на возилата беше донесена поради истекот на договорот од 2011 и 2016 година за слобода на движење на двете земји. Според тоа, владината одлука обезбедува еднаков третман и слободно движење на граѓаните од двете земји. Одлуката беше донесена и спроведена на сите гранични премини, освен на два премини на север, каде Владата на Србија и тамошните илегални структури ги злоупотребуваат локалните Срби“, тврди Османи.

Таа оцени дека „дестабилизирачката политика на Србија“ во Косово и во регионот и нејзините „хегемонистички цели“ за развој на „т.н. српски свет „претставуваат враќање на политиката на Србија од 1990 -тите“.

Слични содржини