Османи: Европскиот бран што ќе дојде на Балканот ќе ги елиминира антиевропските политичари

од Nikola Popovski
196 прегледи

Во Северна Македонија постои европски фронт, земјата никогаш не била поларизирана на вакво ниво, а наместо избори, подобро е да се одржи референдум за тоа дали граѓаните се за или против ЕУ, бидејќи тоа е вистинското прашање, рекол министерот за надворешни работи, Бујар Османи во синоќешното интервју во емисијата „21 Анализа“.

Според него, државата сега треба да се фокусира на уставните измени кои ќе ѝ овозможат да продолжи по патот кон европското членство, а неговата надеж лежи во промена на разбирањето на граѓаните за европските процеси и рационален однос кон уставните измени.

„Колку повеќе доаѓа европската идеја на Балканот, толку повеќе граѓаните ќе ја чувствуваат. Европскиот бран што ќе дојде на Балканот ќе ги опфати граѓаните на Северна Македонија и ќе ги елиминира антиевропските политичари кои се обидуваат да го спречат. Ова ќе ја промени динамиката во државата“, смета Османи.

Тој ја повторил својата теза дека постои опасност Северна Македонија да остане во групата земји од Западен Балкан со отворени прашања, што води кон неразумната политика на опозицијата.

„ЕУ не може да испрати порака до Украина без да му даде можност на Западен Балкан, бидејќи довербата во него ќе се изгуби. Регионот ќе биде поделен во две групи: земји со отворени прашања кои формално не можат да добијат шанса за брза преговарачка процедура и земји кои ќе можат да ја искористат брзата патека до пристапување. Во моментов, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се во втората група, додека Босна и Херцеговина, Србија и Косово се во првата група поради отворените прашања. Можно е да се влезе во групата земји со отворени прашања (…). ЕУ ќе ни каже да го решиме проблемот со Бугарија, како што Србија ќе треба да го реши проблемот со Косово, или Косово со Србија, или Босна и Херцеговина со Република Српска… ние влегуваме во оваа група. Таква услуга и се прави на државата со оваа неразумна политика на опозицијата“, посочил Османи.

Слични содржини