Доколку гледате од аспект дека падна Рамковната позиција во Бугарското собрание, тогаш вчерашната одлука може да се каже дека е историска, но дали тоа ќе значи отворање на пат за решение, кое е прифатливо за двете страни, останува да процени француското претседателство, изјави вечера министерот за надворешни работи Бујар Османи околу вчерашната одлука во Бугарското национално собрание за усвојување на предлогот на француското ротирачко претседателство со ЕУ, дополнет со неколку услови.
Според шефот на македонската дипломатија, Париз сега има и позиција на Бугарија и на Северна Македонија и треба да најде начин како да ги прилагоди двете позиции за да дојде до решение, кое ќе ги остави двете страни подеднакво задоволни или незадоволни.
-Не можеме да очекуваме дека во едно компромисно решение едната страна ќе биде задоволна, а другата не, туку решение кое ги запазува најсензитивните аспекти од двете страни, рече Османи во емисијата „10 минути“.