Османи гарантира 50% застапеност на жените во секое тело во општината

„Тешката состојба во која се наоѓа Чаир пред сè ја чувствуваат жените. Мајките се тие што се грижат како ќе им се вратат децата од училиште, дали улиците се осветлени, дали тротоарите се слободни, дали имаат право глас во општината", смета Османи

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Принтскрин

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција, порача дека родовата еднаквост ќе биде темелот на секоја иднина општинска политика, нагласувајќи дека жените не смеат да бидат само дел од кампањите, туку рамноправни учеснички во одлучувањето и креирањето на политиките.

Османи го претстави својот стратешки принцип за идното управување со општината и еднакво вклучување на жените во политичките процес.

„50% застапеност на жените е минимумот што го гарантирам. Тој процент ќе биде застапен во секоја пора на политичкиот и институционален живот на Чаир во раководствата, комисиите и сите процеси на одлучување. Само така можеме да се движиме напред со еднаквост, со заемно почитување и со користење на потенцијалот на секоја жени”, рече Османи.

Османи истакна дека родовата еднаквост не е само вредност, туку предуслов за развој и демократија. Тој е уверен дека ваквиот пристап нуди поинаква структура на еднакво вклучување на жените во креирањето на политиките, но и во нивното реализирање, за што резултатите ќе бидат видливи многу брзо.

„Нема напредок ако половина од општеството е оставено на маргините. Во мојот Чаир, жените ќе бидат дел од одлуките, дел од решенијата и дел од секоја промена”, истакна Османи.

Тој посочи дека токму жените го носат најголемиот товар од секојдневните проблеми во општината, од лошата инфраструктура и небезбедните улици, до ограничениот пристап до институции и одлучувачки процеси.

„Тешката состојба во која се наоѓа Чаир пред сè ја чувствуваат жените. Мајките се тие што се грижат како ќе им се вратат децата од училиште, дали улиците се осветлени, дали тротоарите се слободни, дали имаат право глас во општината”, смета Османи.

Тој нагласи дека во изминатите три месеци од кампањата ја срушил една од најголемите изборни предрасуди, а тоа е дека гласот на жените доаѓа преку мажите.

„На почетокот на кампањата ми рекоа дека треба да се бара поддршката од мажите, од старешините, а преку нив ќе го добиеме и гласот на жените. Но, јас направив спротивно, се сретнав со жените од секое маало, ги слушав нивните приказни, маки, предлози, и сфатив дека без нивниот ангажман, Чаир не може да оди напред”, потенцираше Османи.