Османи: Ги вложуваме сите ресурси во државата и општеството да ја пресликаме успешната европска приказна на Ирска

од Vladimir Zorba
320 прегледи

Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, престојува во работна посета на Ирска, на покана на својот ирски колега, Михол Мартин, кој ги извршува функциите на заменик претседател на Владата, министер за надворешни работи и министер за одбрана на Ирска.

На средбата со својот хомолог, Османи се заблагодари за континуираната и гласна поддршка која Ирска и ја дава на нашата земја во напорите за што поскоро зачленување во ЕУ, а која датира од самите почетоци на нашиот евроинтегративен пат, кога, за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја предадовме нашата апликација за членство во ЕУ.

“Ја поставивме 2030-тата година како наш таргет за полноправно членство во ЕУ, за чие спроведување ги вложуваме сите ресурси во државата и општеството. Сакаме да ја пресликаме успешната европска приказна на Ирска и да го достигнеме просперитетот и нивото на демократија, за што евроинтеграцијата е нашиот најсилен импулс” – предочи Османи.

Османи се осврна и на неопходноста од краткорочни видливи и опипливи бенефити на патот кон полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи граѓаните да го почувствуваат зближувањето во економско – социјална смисла, а истовремено ќе внесе поголем кредибилитет во однос на пристапниот процес.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на нашето претседавање со ОБСЕ, реализираните и идните планирани активности низ призмата на утврдените приоритети, како и актуелните предизвици со кои се соочува ОБСЕ.

За време на посетата, министерот Османи оствари средба и со државниот министер за европски прашања и одбрана Петер Бурк, на која беа разменети мислења околу актуелностите во поглед на нашето ЕУ досие. Османи брифираше за напредокот на Северна Македонија, отпочнатиот скрининг процес и високото ниво на подготвеност на институционалните капацитети за негова успешна реализација, подвлекувајќи ја цврстата определба на Владата за заокружување на уставните измени до крајот на оваа година, како наша преземена обврска, со цел отворање на првиот кластер Темели и за динамизација на пристапниот процес.

Османи ја реафирмираше позицијата на државата како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, целосно усогласувајќи се со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со значајна поддршка за Украина.

Слични содржини