Стратешкиот дијалог со САД и отворањето на преговорите со ЕУ се двете страни со кои што треба да ја искорениме корупцијата преку институциите. Го поздравуваме засилениот ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото и борбата против корупцијата, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи за тимот од Вашингтон што пристигна во Скопје и кој ќе води „потера“ по бивши и сегашни коруптивни функционери во земјава.
Според него, се работи за сеопфатен пристап.
-САД прво финансиски не помагаше. Ни даде над 4 милиони евра само за прашањето на владеење на правото. Еве сега продолжува со дополнителни механизми, преку поддршка од страна на експерти, искористување на нивните механизми. Тоа е дел од тоа ние што го побаравме. Корупцијата до Македонија не е на ниво само на политиката. Секаде каде граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата, има елементи од корупција. Мора да има сеопфатен пристап до највисокиот функционер во државата. Го поддржавме ветингот како ДУИ и сме спремни да предложиме Закон за оперативна проверка на секој кандидат носител на државна функција, додаде Османи запрашан за борбата против корупцијата.
Министерот на прес-конференција говореше и за односите со Бугарија.
-Најдобриот начин на спречување на говор на омраза е доколку доминира позитивниот говор помеѓу нашите држави и токму тоа се обидуваме да го правиме. Мислам дека со министерот Милков во последните месец и половина сме се гледале можеби десет пати и тоа беше договорот. Да се гледаме често, да комуницираме постојано, да наметнеме позитивна агенда за да не дозволиме простор некој друг да ни наметне лоша агенда, изјави шефот на македонската дипломатија на отворањето на Бизнис форумот насловен „До една милијарда и понатаму“.
Според него, ако оставиме празен простор, некој друг ќе го пополни.
-Бизнис форумот е да пополни еден сериозен однос во нашите односи. Денес не очекувам некој да зборува негативно во односите меѓу Македонија и Бугарија. Меѓутоа некаде не можеме да игнорираме дека имаше провокации во изминатите месец и обиди за киднапирање на агендата од двете страни, рече Османи на прес-конференцијата со неговиот бугарски колега Николај Милков.
Османи не очекува дека за една вечер ќе прекинат провокациите и дека ние ќе живееме во идеален свет на односи.
-Затоа сме ние тука да го пополниме тој простор со позитивна агенда и дека ние сме две пријателски држави во кои што има многу потенцијал. Не можам да исклучам провокации, но ќе реагираме и битно е како реагираме на нив. потенцира министерот.