Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денеска го пречека шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров на 30. министерски Совет на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје. Лавров пристигна во салата „Борис Трајковски“ со своите соработници како една од последните делегации од сите земји-учеснички на овој самит.
Лавров не даде изјава за медиумите пред салата.
Тој доцна синоќа пристигна на аеродромот во Скопје, но не преку Бугарија како што беше планирано, откако Софија одби да го отвори воздушниот простор за руската делегација. Причината, според бугарските власти, е бидејќи во авионот со Лавров била и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова. Поради тоа, делегацијата на Руската федерација пристигна преку Турција и Грција.
Македонија не издаде визи за тројца руски новинари кои се акредитираа за Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
Синоќа во земјава беа и американскиот државен секретар Ентони Блинкеи и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Тие си заминаа непосредно пред доаѓањето на Лавров.