Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево обелодени дека чувствува обврска да одговори на одредени прашања кои пристигнуваат во моментов до македонското МНР, а се поврзани со разговорите кои ги водиме со Република Бугарија.
Османи информира дека е во редовна комуникација со неговата колешка Теодора Генчовска, со цел да се обезбеди засилување на разговорите во престојниот период, на сите нивоа меѓу двете министерства, во насока на надминување на разликите за време на француското претседателство.
-Постојат бројни иницијативи од нашите меѓународни партнери, со свои идеи да се вклучат во овие разговори, меѓу кои е секако и Франција како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија. Сите инволвирани страни во процесот даваат максимални напори да се обезбеди предлог на маса кој ќе го крене ветото за нашите европски интеграции, кое воедно би било во согласност со позициите на кои Владата се обврза преку декларацијата во Собранието, објави Османи на Фејсбук.
Во текот на денот бугарската шефица на дипломатијата, Теодора Генчовска посочи дека е песимист околу шансите за решение до крајот на јуни.
Таа нагласи дека лидерите на владината коалиција од Кабинетот на премиерот Кирил Петков по минатонеделната средба посочиле дека „се потпираат“ на Министерството за надворешни работи, меѓутоа, според неа, „тимови на премиерот продолжуваат да го саботираат процесот на различни начини“.