Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во гостувањето на дневникот на ТВ Сител изјави дека за нас е важно да има меѓународна конференција во декември.
„За да се исполнат условите за тоа имаме две можности, едната е усогласување на рамката во ноември, а втората е усогласување на рамката во декември. Процесот на преговори е тежок процес, Бугарија треба да даде согласност не само за првата меѓувладина конференција, туку уште 130 пати во текот на преговорите се до полноправно членство“, вели Османи.
Според него, пропуштена е едната шанса денеска, меѓутоа ја имаме втората шанса на 9 декември кога е Советот, бидејќи се уште има простор дококу има усогласување на рамката да има меѓувладина кокнференција во декември, што е за нас исклучително важно.
„Повеќе и не можеше да се направи во овој период. Меѓутоа, сакам да кажам дека напротив воопшто не не депримираат ваквите одлуки, затоа што јас познавајќи го процесот сум свесен дека на вакви пречки и бариери ќе се соочиме се до денот на членство. Денеска е Бугарија, утре ќе биде друга земја, задутре ќе биде група на земји. Значи ова е напорна работа, меѓутоа ние имаме плебисцитарна одлука на граѓаните дека сакаат во ЕУ“, нагласи Османи.