Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес во Берлин имал директна средба со неговиот германски колега, Хајко Мас.
Според, министерот, разговорот имал јасна цел, а тоа е создавање услови и поддршка за имплементација на одлуката за почеток на преговори од страна на ЕУ; усвојување на преговарачката рамка и оддржување на првата Меѓувладина конференција.
„Иницирав создавање на стратешко партнерство меѓу С. Македонија и Германија, што би било особено важно за забрзување и продлабочување не само на европските интегративни процеси, туку и на економската соработка меѓу двете земји“, објави Османи на Фејсбук.
Дискутирајќи за можностите за имплементација на одлуката за почеток на преговорите, Османи нагласил:
„Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор: операционализација на одлуката за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамки и одржување на Првата Меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес“.
Во оваа прилика, Османи изрази благодарност за континуираниот ангажман на Германија, особено за личниот ангажман на министерот Мас, за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, од денеска започнува нова европска турнеја во неколку европски метрополи – Берлин, Копенхаген и Стокхолм, како дел од пошироката дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите-членки на ЕУ. Од Берлин Османи во вторник заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.