Османи: Интеграцијата во НАТО и ЕУ како најдобар одговор на руските империјални амбиции

од Nikola Popovski
273 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи го водеше традиционалниот НАТО настан, со што започнаа Деновите на НАТО во земјава, со кои одбележуваме 4 години од членството на Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата.

Османи нагласи дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции, истакнувајќи дека Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан.

“Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. На тој начин, земјава претставува не само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели”, рече Османи, потенцирајќи дека сега е време за забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси.

“Сега, повеќе од било кога, евроатланската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста. Евро-атлантските интегративни процеси се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни” рече Министерот.

Воедно, Османи го поздрави проширувањето на трансатлантското семејство со две нови земји членки – Финска и Шведска, нагласувајќи дека ваквиот чекор е особено значаен бидејќи ќе ја направи Алијансата посилна и дополнително ќе ја зајакне евро-атлантската безбедност.

На настан се обрати и првиот заменик на претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој рече дека со гордост можеме да кажеме дека го исполнивме сонот на многу генерации и дека така, треба да го исполниме сонот за Европската Унија, сега пореален од било кога.

“Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни” рече Маричиќ, истакнувајќи дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна.

Со честитки за 4-тата годишнина од НАТО членството на земјата, нејзиниот придонес во колективната безбедност и свои видувања за тековните предизвици се обратија и бројни претставници на дипломатскиот кор во земјата.

Слични содржини