Министерот за надворешни Бујар Османи денеска порача дека земјата работи на исполнување на обврската за уставни измени и внесување на Бугари во Преамбулата, но во отежнувачки околности поради последните влошувања на односите со Бугарија кои се резултат на провокации од провокатори кои што оваа тема ја имаат како резервна секогаш кога има избори.
-Време е да се прекине циклусот на влошени односи и да ја вратиме позитивната агенда, до каде застанавме пред еден месец, рече Османи на прес-конференцијата со неговиот чешки колега Јан Липавски, кој е во официјална посета на земјава.
Шефот на македонската дипломатија се осврна и на честите избори во Бугарија и како тоа влијае на односите со Македонија.
-Знаете дека на 2 април ќе има петти изборен циклус и петти министер за надворешни работи со кој јас треба да работам во услови кога јас сум само две години министер. Тоа создава непредвидливост во комуникацијата и одржување на таа договорена волја. Обично изборните процеси ја вжештвуваат ситуацијата и има политичари кои секогаш се фаќаат за резервните теми кои создаваат емоции и тие ги прават како сопствен наратив за да се кренат во тој политички натпревар, кажа Османи.
Оттука, вели тој, мојата порака е да го прекинеме циклусот на негативните односи кој не е во интерес на двете држави и општества.