Османи: Jас сум мисионер, не сум функционер

од Destan Jonuzi
186 прегледи

Портпаролот на Демократската унија за интеграција и актуелен шеф на македонската дипломатијата, Бујар Османи не се чувствува загрозен доколку по седницата на Генералниот совет на партијата не продолжува да ја извршува владината функција.

Цитирајќи неодамнешна изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека тој не е функционер, туку мисионер, на ист стил одговори и Османи на новинарско прашање дали се чувствува загрозен доколку по седницата на Генералниот совет на партијата не продолжува да ја извршува функцијата министер за надворешни работи.

– Јас сум професионален политичар чија кариера не беше само во Владата, туку кога не бев во Владата бев во партијата. Значи, како што вели Ахмети, „јас сум мисионер, a не сум функционер“. Овие платформи се само начини да ја изразам мојата мисија. Oва ќе го направам како портпарол, како министер, како функционер, тоа е всушност идеја и работиме на идејата, изјави Османи.

На 15 октомври ДУИ ќе го одржи Генералниот совет на партијата во кој ќе се формираат телата на партијата, кои не се формирани поради пандемијата Ковид-19, што го зголеми и незадоволството на „огнената група“. Следната сабота Генералниот совет, кој според партискиот статут брои 75 членови, ќе треба да го избере раководството на партијата.

Д.Ј.

Слични содржини