Кандидатот за градоначалник на Чаир и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, преку соопштение лиферувано од неговата партија ДУИ ги отфрла наводите на владејачката ВЛЕН дека се сретнал со екс-премиерот Никола Груевски во Будимпешта за да се овозможат уставните измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за моја наводна средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за поддршка на уставни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата.
Додека тие освен негативна кампања ништо друго не нудат, ние креираме движење за промени кое расте до ден во ден. Одговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври“, се вели во соопштението.
Пред некој ден Османи ниту демантираше ниту потврди за таква средба, а сега ги отфрли таквите наводи.
Претходно владејачката коалиција ВЛЕН оцени дека Османи индиректно признал дека имал средби со Груевски во Будимпешта бидејќи јавно одбил да ги негира наводите дека имал средби со екс-премиерот.