Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на државаата, Бујар Османи, синоќа изјавил, коментирајќи ја изјавата на американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, дека од позиција шеф на македонската дипломатија никогаш не размислувал да води политика без координација со Соединетите Американски Држави и дека би сакал Македонија и Косово да имаат подобри односи, пренесува „Kosovo Online“.
Османи во интервју за „Klan Kosova“ ја коментирал изјавата на Ескобар во која тој рече дека освен со Америка, НАТО и ЕУ, косовската влада има проблем и во односите со С.Македонија.
„Не можам да зборувам за Ескобар, но би сакал подобри односи меѓу Косово и Северна Македонија, особено сега кога имаме премиер Албанец. Не знам дека имало некаква средба меѓу Курти и Џафери, можеби прашање е агендата“, рекол Османи.
Како што вели тој, „и Косово и Северна Македонија се мали земји“ на кои им требаат искрени пријатели, соседи, но и други меѓународни партнери.
„Јас како министер за надворешни работи морам да создадам пријателство, бидејќи само така можете да бидете силни како држава“, навел Османи.
Тој изјавил дека Албанците во земјава имаат официјално државно знаме, додека Косово нема официјално државно знаме.
Тој, исто така, забележал дека албанскиот јазик е официјален јазик во Македонија и дека сите институции обезбедуваат еднакви можности за сите заедници.
„Денес македонските Албанци имаат официјално државно знаме, Косово нема официјално државно знаме. Ние го имаме“, рекол Османи во интервјуто.
Кандидатот на ДУИ за претседател на државата вели дека и во Македонија странските служби работеле да ги поделат Албанците.
„Тенденцијата кај Албанците во Северна Македонија беше тие да се распаднат на градски партии – секој град каде што живеат Албанците има своја партија и лидер. Тие беа експлоатирани – тоа беше под влијание однадвор, разни служби кои охрабруваа“, тврди Османи.