Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека утрешниот почеток на изградбата на долгоочекуваната железничка пруга кон Бугарија е многу поважна од отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград или бугарските клубови во Македонија.
-Камен темелникот на пругата кон Бугарија многу повеќе ќе придонесе за Македонците во Бугарија и обратно отколку овој натпревар на клубови, кој што не ја зема предвид сензитивноста на моментот и нема добра намера. Стојам на тоа независно кој ќе биде ставот на јавноста, додаде Османи.
-Сите краткорочни изблици кои што носат некои политички поени и се убави за увото на граѓаните… Многу полесно ми е пред вас да кажам дека мора да се отвори клубот таму, граѓаните во Бугарија да ги почитуваат сите права таму, сигурно ќе имам одлични текстови во медиумите, но не правам така услуга на интересите и луѓето таму. Сметам дека сум го одбрал правиот пат, рече шефот на македонската дипломатија.
Тој порача да не дозволиме некој да ни ја презема агендата и да ни направи контра-услуга, сметајќи дека правиме нешто добро, односно да влеземе во стапица во нешто што ќе биде лошо за интересите и граѓаните.
-Не велам дека не треба да се организираат клубови, но мора да биде согласно законите и во духот на добрососедството и соработката, истакна Османи на брифинг со новинарите.