Османи-Кофод: Данска е сериозен поддржувач на евроинтеграциите на С.Македонија

од Берта Китинска
332 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Јепе Кофод, кој престојува во возвратна работна посета на нашата земја, но истовремено се наоѓа и на регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан.

На средбата од страна на министерот Кофод беше најавена данската донацијата од еден милион вакцини за регионот на Западниот Балкан, од кои 250 илјади за Република Северна Македонија, при што Османи истакна:

„Имајќи го предвид предизвикот на брзината на ширење на новиот бран на пандемијата, оваа донација на значителна количина вакцини е навистина навремена, во период кога во земјава тече сериозна кампања за масовна имунизација на населението што е секако многу важно за нас”.

Централна тема на средбата беше секако и европското досие на Северна Македонија, како и на целиот регион на Западниот Балкан.

„Цврстиот и принципиелен став на Кралството Данска за строг, но фер пристап во процесот на проширување, истовремено се принципи кои се втемелени и во новата Методологија за процесот на преговарање и ваквиот фер пристап е она што и ние го посакуваме, што сметаме дека е и во наш интерес, принципи кои и нас не ставаат во состојба на засилена европеизација на нашето општество. Сакам јасно да посочам дека Данска за нас е навистина сериозен партнер, искрен пријател и цврст поддржувач на нашите европски интеграции”, нагласи Османи во контекст на европските перспективи на земјата.

Министрите разговараа и за актуелните глобални предизвици кои во моментов се во фокусот на политичкиот интерес и на двете земји, за непредвидливоста на состојбите во Авганистан кои преставуваат потенцијално жариште за нова хуманитарна криза. Како НАТО земји, министрите се согласија дека најпрво треба да им се помогне на оние граѓани кои изминативе 20 години беа наши сојузници при нашата мисија во Авганистан, а чии животи и безбедноста на нивните семејства е загрозена.

Соговорниците ја искористија оваа средба и да разговараа за можностите од продлабочување на економските односи и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации.

Слични содржини