Османи: Косово е подготвено за нови избори на северот од државата

од Vladimir Zorba
294 прегледи

Косовската претседателка Вјоса Османи во четвртокот изјави дека нејзината земја е подготвена да одржи нови избори на северот на Косово.

Таа им изјави на новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и високиот претставник на Европската унија за надворешни работи Жозеп Борел на маргините на самитот во Молдавија, пренесува Ројтерс.

Разговорите се одржаа како дел од меѓународните напори за смирување на кризата во северно Косово, која прерасна во насилство во понеделникот, при што беа повредени 30 мировници на НАТО и 52 српски демонстранти.

Макрон претходно изјави дека европските претставници побарале да се разјаснат изборните правила за следните избори, пренесува Танјуг.

„Ние целосно ги поддржуваме сите повредени, пред се војниците на НАТО. Ги повикавме двете страни да организираат нови избори што е можно поскоро во четири општини [на северот на Косово] и на нив да учествуваат претставници од српска националност“, изјави Макрон за новинарите, пренесува Бета.

Тој објави дека Вучиќ и Османи се договориле дека во наредните недели ќе има „јасни одлуки“ за ситуацијата на северот на Косово.