Османи-Кравињо: Отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист за С.Македонија

од Берта Китинска
188 прегледи

Министерот за надворешни работи на Португалската Република, Жоао Гомес Кравињо, денес оствари официјална посета на Република Северна Македонија.

Покрај билатералните релации меѓу двете земји, во фокусот на разговорите беше иднината на процесот на проширување на Европската Унија во светло на почетокот на преговорите со Република Северна Македонија и поддршката на Португалската Република во тој контекст.

Министерот Османи се заблагодари за континуираната португалска поддршка на нашиот европски пат, потенцирајќи дека Северна Македонија останува силно посветена на реформските задачи кои ќе треба да ги исполниме во текот на преговорите и на градењето добрососедски односи како влог во нашата европска иднина.

„Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија. Долгогодишните разочарувања, пречки и блокади ги претворивме во дополнителен предизвик кој ни овозможи со аргументи, истрајност и верба во добрососедските односи, да дојдеме до решение за отпочнување на преговори за членство. Искрено верувам дека овој процес дополнително ќе ги стимулира и мобилизира сите чинители во државата, заеднички да работиме посветено на нашето реформско досие, имајќи предвид дека евро-интеграцијата е суштински кохезивен елемент на нашето општество. Се согласивме дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – за Северна Македонија, за Регионот, но и за кредибилитетот на ЕУ во насока на довршување на процесот на европското обединување”, истакна Османи.

Долгоочекуваното ново поглавје во евро-интегративниот процес после 17 години кандидатски статус е придобивка која граѓаните целосно ја заслужија уште одамна, констатираа соговорниците.

На средбата беше нагласено и задоволството од досегашниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Португалската Република, со нагласок на потребата од продлабочување на економските односи, како и можностите од искористување на потенцијалот за интензивирање на секторската соработка.

Министрите разговараа и за меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, а беа разменети мислења и за актуелни меѓународни прашања, со акцент на состојбата во Украина.

Слични содржини