Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска во Киев оствари средба со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.
-Руската агресија претставува сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност, констатирал Османи при посетата на главниот украински град.
Тој му пренел на Кулеба дека слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа.
-Поддршката кон Украина не треба да се намали, туку треба да се зголеми се додека не се повлечат руските трупи целосно од територијата на оваа земја, потенцирал Османи.
Во Киев Османи беше пречекан од амбасадорот, Крум Ефремов кој деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.