Османи: Курти е дел од политичкиот експеримент во Македонија

„Проблемот е изјавата на Курти во Приштина во присуство на премиерот Мицкоски дека албанскиот јазик никогаш не бил службен во Македонија“, рече Османи

од Nikola Popovski
65 прегледи Фото: Фејсбук

Актуелниот кандидат за градоначалник на Чаир и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи изјавил дека коалицијата ВЛЕН била политички експеримент создаден со цел да се легитимира она што моментално се случува во Македонија. Тој во телевизиско гостување на „Клан Косова“ додал дека премиерот на Косово кој е се уште во технички мандат, Албин Курти, бил дел од овој експеримент и дека во тоа му помогнал и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, бидејќи, според него, не можел сам да го направи тоа без помошта на Курти.

Тој понатаму изјавил дека изјавата на Курти во Приштина (кога македонската Влада одржа седница со косовската Влада) ги мобилизирала сите антисрпски (антиалбански) сили во Македонија, бидејќи добиле впечаток дека зад неа стои и Косово.

„Не можам да ги проценам мотивите, тие можеби биле целосно политички. Но, штетата што е предизвикана оди подалеку од политичка злоба, бидејќи е сериозна и непоправлива. Меѓупартиската поддршка е легитимна. Проблемот е изјавата во Приштина во присуство на премиерот Мицкоски дека албанскиот јазик никогаш не бил службен во Македонија“, рече Османи.

Лани во ноември, Курти од Приштина изјави:

„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, рече косовскиот премиер на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски.