Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, преку социјалните мрежи реагираше на денешните обвинувања од премиерот Христијан Мицкоски. Мицкоски го обвини Османи дека со поддршката на францускиот предлог наводно му нанесол „нож во грбот“ на македонскиот идентитет, што, како што рече, нема да му биде заборавено.
Во својот одговор, Османи го критикуваше премиерот за поткопување на внатрешната стабилност на земјата и промовирање на омраза и меѓуетничка нетолеранција, наместо да работи на зајакнување на единството и соживотот меѓу народите. Тој призна дека имаат различни политички ставови и дека не се согласуваат околу европскиот пат, но потенцира дека Мицкоски ја преминал границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.
Особено ги критикуваше неговите алузии со религиозни симболи, кои според него дополнително ја разгоруваат меѓуетничката и религиската нетолеранција во земјата. Османи посочи дека, додека Мицкоски се заканува и навредува, македонскиот јазик веќе е заштитен во преговарачката рамка со ЕУ, додека тој пак дома, со поддршка од некои институции, го понижува албанскиот јазик и граѓани.
Поранешниот министер потсети дека Албанците во Северна Македонија не се гости туку дел од домаќините, кои сакаат да ја градат својата иднина во оваа земја и не планираат да заминат од неа. Оваа реакција на Османи следи по остриот напад на Мицкоски, што дополнително ја засилува напнатоста во политичката сцена околу францускиот предлог и европската иднина на земјата.