Османи на 132- та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа

од Берта Китинска
232 прегледи

Mинистерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 20 мај 2022 година во Торино ќе учествува на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа. На Министерската сесија, со која претседава Италија, ќе учествуваат министрите за надворешни работи на 46-те земји членки на најстарата европска организација за човекови права, демократија и владеење на правото.

На Сесијата, се очекува да бидат дискутирани повеќе актуелни теми, со фокус на последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Руската Федерација од Организацијата во март оваа година. Исто така на самиот состанок ќе се изврши и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шест-месечен период.

На маргините на министерската сесија предвидени се и повеќе билатерални средби на МНР Османи со министрите за надворешни работи на Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија како и заменик министерката на Украина, како и со високи претставници на Совет на Европа.