Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари проштална средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Скопје, Рејчел Галовеј.
Двајцата соговорници ги поздравија одличните билатерални односи кои постојат меѓу двете пријателски земји, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политичкиот дијалог и развиената меѓусебна трговска соработка.
Османи се заблагодари за активниот ангажман и посветеноста на Обединетото Кралство за одржување на стабилноста и економскиот просперитет на Западниот Балкан, како и за континуираната британска поддршка на европските интеграции на нашата земја и напорите на ОК во одржувањето на силни партнерски односи со нашата земја во рамки на НАТО.
На средбата стана збор и за руската инвазија врз Украина, ризиците од пошироки импликации на кризата, како и ургентноста од поблиска соработка меѓу Европската Унија и НАТО за зачувување на безбедноста на европско тло.
По повод завршувањето на дипломатската мисија, министерот Османи ѝ врачи плакета- благодарница на амбасадорката Галовеј за нејзиниот личен ангажман и активен придонес за унапредување на билатералните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.