Османи најави бесплатни и субвенционирани прегледи за рана детекција на рак на дојка за жените од Чаи

„Настанот 'Розов Чаир' го посветуваме на борбата против ракот на дојка. И ова не е само симболика, туку потсетник дека секоја навремена контрола може да спаси живот", изјави Османи

од Nikola Popovski
13 прегледи

Во месецот посветен на женското здравје, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, најави конкретни мерки за поддршка на жените во превенцијата и борбата против ракот на дојка, како и поширока стратегија за родово чувствителни политики во општината.

„Настанот ‘Розов Чаир’ го посветуваме на борбата против ракот на дојка. И ова не е само симболика, туку потсетник дека секоја навремена контрола може да спаси живот”, изјави Османи.

Како лекар, тој нагласи дека раната детекција е клучна, најавувајќи општински програми за бесплатни и субвенционирани превентивни прегледи, како и локални мрежи за поддршка на жените кои се соочуваат со оваа болест.

„Чаир ќе обезбеди бесплатни и субвенционирани превентивни контроли, како и локални програми за поддршка на секоја жена која се соочува со овој предизвик. Ова за мене не е дел од изборна кампања, туку животна обврска. Нема да дозволам ниту една жена од Чаир да остане сама во нејзината битка, било да е таа битка за здравје, за работа или за правда”, потенцираше Османи.

Османи подвлече дека жените се двигателот на општинската промена и дека нивното активно учество е предуслов за функционална, хумана и одговорна локална власт.

„Верувам во партнерство со вас. Верувам дека токму жените ќе ја предводат промената што сите ја очекуваме. Кога жените се вклучени, општината е поорганизирана, поодговорна и похумана”, рече Османи.