Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави ветинг откако вчера беше потврдена информацијата дека македонски дипломат бил уапсен во Србија на граничниот премин Прешево.
Османи истакна дека ќе се изврши детално испитување и проверка на сите дипломати, за, како што рече, да не се случи повторно ваков скандал лица барани со потерници да работат како дипломати.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија вчера потврди дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Република Србија на 27 август годинава.
За апсењето МНР е официјално известено од Министерството за надворешни работи на Република Србија преку Амбасадата на Северна Македонија во Белград.
Според известувањето, „надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство“, потврди МНР и од таму додаваат дека, согласно законските надлежности Министерството го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен.
Инаку, станува збор за заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Виена Миле Миленковски, кој се барал со меѓународна потерница за дело кое го направил пред три години.
На приватно патување, на кое со помош на уште едно лице помогнал во бегството од Ерменија на братот на сменетиот ерменски претседател, против кого во Ерменија се воделе процеси за затајување на данок и незаконско богатење.