Османи најавува „Паметно паркирање“ во Чаир

Османи нагласи дека секое маало во Чаир ќе добие сопствени паркинг-места, исклучиво за жителите на таа населба

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Чаир се наоѓа пред точка на колапс, предупреди кандидатот за градоначалник Бујар Османи, претставувајќи ја својата револуционерна стратегија „Smart Parking” или „Паметно паркирање”. Тој истакна дека токму проблемот со паркирањето е најголемата причина за хаосот, конфликтите и секојдневните маки на граѓаните.

„Паркирањето е број еден проблем за граѓаните. Тоа е причината зошто луѓето сакаат да заминат од Чаир. Јас не се плашам од големи предизвици, овој проблем ќе го решиме со план, инвестиции и во соработка со граѓаните,” изјави Османи.

Стратегијата предвидува три јасни етапи: краткорочни решенија за најкритичните точки, среднорочни инвестиции во нови подземни гаражи со над 2.500 паркинг-места, како и долгорочна визија за целосна урбанизација на маалата преку планот „Чаир 2040″.

„Ќе изградиме 1000 паркинг-места на ‘Џон Кенеди’, 500 во Стариот Чаир, подземни паркинзи на ‘Методија Митевски’, Саат Кула, ‘Лирија’ и ‘Скендербег’. Ова не е ветување на хартија, туку конкретни проекти со јасна динамика.”

Османи нагласи дека секое маало во Чаир ќе добие сопствени паркинг-места, исклучиво за жителите на таа населба. Решенијата ќе бидат внимателно дизајнирани за да не се наруши постојното зеленило и јавните простори. „Нашата цел е функционално паркирање без уништување на зелените површини и јавниот простор. Паркирањето мора да носи ред, не хаос.”

За краток рок, Османи најави ново општинско претпријатие за паркирање и иновативни решенија преку откуп или јавно-приватни партнерства, со цел секоја населба да добие сопствени паркинг-зони.

„Чаир денес е претворен во општина на автомобили, без слободен тротоар, со нарушен квалитет на живот. Ако не реагираме, ни се заканува целосен колапс на основните функции. Но јас велам, ова ќе го промениме!” подвлече Османи.

Тој потенцираше дека стратегијата за паметно паркирање е само дел од поголема визија, модерна, урбана и уредена општина, каде граѓаните ќе живеат со достоинство, а јавните простори, зеленилото и редот ќе бидат приоритет.

„Ќе го вратиме редот и ќе му дадеме нов изглед на Чаир. Тоа е мојата заложба и мојата обврска пред секој жител на нашата општина.”