Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција посветена на образованието, најави сеопфатен план за обнова на сите училишта во општината, нагласувајќи дека токму училиштата се темелот на секоја здрава и напредна заедница.
„Проблемот со училиштата е посебен предизвик, и овде планираме целосна реновирање на сите училишта. Нашите училишта протекуваат на крововите, нашите училишта имаат санитарни јазли кои децата не ги користат, и треба целосен ремонт за училниците да бидат според најновите стандарди на технологијата, но и вештачката интелигенција – STEM училници со сите потребни уреди, со доволни училишни дворови, со соодветни игралишта и со доволно зелени површини”, истакна Османи.
Тој најави и нов концепт „Училиште, нашиот втор дом”, проект што ќе им овозможи на децата да останат и по завршувањето на наставата и да имаат активности во училиштето. Османи посочи дека обновата на училиштата мора да оди рака под рака со враќање на достоинството на наставниците, бидејќи тие се столбот на образовниот процес.
„Ќе и го вратиме достоинството на наставничката професија, затоа што тие се тие што го поттикнуваат образовниот процес. Ќе ги стимулираме оние кои организираат спортски активности надвор од наставата, но и оние кои се ангажираат во текот на дневниот престој во училиштата, за други активности”, најави Османи.
Тој сподели и податоци од споредба помеѓу Чаир и Центар, кои се соседни општини, а драстично се разликуваат во условите што ги нудат за образование.
„Направивме споредба на училиштата во Чаир со оние во Центар и во една држава од Европската Унија. Разликата е поголема помеѓу училиштето во Чаир и она во Центар, отколку помеѓу Центар и едно училиште во ЕУ. Едноставно не смееме да дозволуваме ова да се случува. Тоа е морална, човечка и историска одговорност да не им ги одземаме на децата најважните години на развој”, истакна Османи.
Тој нагласи дека ова не е политичко ветување, туку лична обврска и кон децата и кон наставниците, но и кон сите граѓани на Чаир, и ги повика сите родители и граѓани да бидат дел од промената.
„Не го зборувам ова за изборна кампања. Образованието беше мојата страст низ целиот живот, и ќе биде нашата страст како движење за промена. Ако Чаир има потреба од промена, тогаш само прашањето на образованието и основните училишта е доволен аргумент за таа промена”, изјави Османи.
По завршувањето на прес-конференцијата Османи заедно со група наставници и наставнички, одржаа марш на промена и надеж, упатувајќи порака дека квалитетното образование е највисок приоритет на секое општество.