Шефот на дипломатијата, Бујар Османи нема да се појави на денешното рочиште каде што е тужен за клевета. Од Министерството за надворешни работи информираат дека Османи не добил покана за рочиштето.
-Министерот Османи нема покана за суд; денес се одржува рочиште на кое се поканети адвокатите. Што се однесува до самата тужба, таа е целосно неоснована. Министерот никогаш не дал изјава што може да се смета за навреда, клевета или која предизвикува штета. Целта очигледно не е правна разврска, туку јавна дискредитација. Веруваме дека во објективна постапка судот ќе ги увиди фактите и соодветно ќе ја отфрли тужбата како неоснована, соопштија од МНР.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) го тужи министерот поради неговата изјава во октомври за бугарската телевизија „БТВ“, бидејќи кажал дека ММДЧП стои зад финансирање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, кажа Османи пред отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.
На неговите изјави реагираа од македонското движење од Канада.
-Османи е гласно против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Изјавите на Османи се лажни, навредливи и клеветнички за ММДЧП и за претседателот на организацијата Бил Николов. Режимот во Македонија беше инсталиран на власт од САД и понатаму ја има нивната целосна поддршка, со цел со сила да ја спроведе нелегалната промена на името, како и други надворешно-политички цели на САД, соопштија тогаш од движењето.
Тужбата е поднесена на 27 јануари 2023 година.