„Нашиот дом, нашиот Чаир не оди по вистинскиот пат. Според сите параметри што ги анализиравме, овој наш дом оди кон целосен колапс. Затоа што 20 години се работи без визија и без план. Единствениот ‘план’, за жал, бил личен интерес,” изјави кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на денешната средба со граѓаните.
Османи остро го критикуваше управувањето со општината и предупреди дека „функциите на Чаир се во целосен колапс”. Според него, денес Чаир е „најнечистата општина во Скопје”, „општина со најголеми проблеми предизвикани од урбанистичкиот хаос и недостатокот на услови”, и „една од најнетранспарентните и најкриминализираните општини во Скопје поради начинот на управување”.
„Од првиот ден во мандатот треба да прогласиме вонредна состојба, криза во општината, за проблемите со нечистотијата, за дивоградбите и за корупцијата. Од тој ден ќе почнеме да работиме во вонредни услови,” порача Османи.
Посочувајќи дека нечистотијата директно го загрозува здравјето на граѓаните, тој вети дека „ќе ангажираме приватни компании со нивните механизми. Ќе ангажираме граѓани. Ќе ангажираме средношколци. Не можеме да продолжиме ниту еден ден вака. Османи потенцира дека „оваа нечистотија ги труе нашите деца. Оваа нечистотија ги загрозува нашите болни. Улиците на Чаир не ги мие само дождот кога ќе падне. Нашите деца растат во правот на улиците на Чаир.”
Во обраќањето, Османи најави и почеток на проектот „Чаир без дупки” како симболичен и практичен чекор за да се врати редот во урбаната инфраструктура. „Тоа не е прашање на инвестиции, туку на ангажман за да почнеме од малите работи што ни го отежнуваат животот.”
Во најостриот дел од говорот, Османи директно се спротивстави на оние кои, како што рече, мислат дека ќе можат да продолжат со притисоци, корупција и криминал.
„Им порачувам на тие што мислат да ми праќаат пораки или емисари, или да се обидат да вршат притисок и да ме заплашуваат: да не се обидуваат. Ја давам оваа порака пред граѓаните. Никој нема да може да ги гази правилата на сметка на иднината на нашите деца. Ниту еден објект во Чаир нема да може да се гради без дозвола.”
Тој остро ја нападна и партиската злоупотреба на јавните ресурси: „Не се знае каде одат парите. Се прават стотици фиктивни договори до 50.000 денари. Ние нема да ја одржуваме партијата на Меџити со нашите даноци. Десетици илјади евра се трошат за кафе и за седење на функционерите на партијата. Тоа се нашите пари, тоа се парите што ги одземате од вашиот леб, од вашите деца. Партиите немаат право да условуваат со нашите пари.”
„Од тој ден ќе започнеме целосна внатрешна и надворешна ревизија за да се запрат злоупотребите и непотребните трошоци,” најави Османи, додавајќи дека во неговиот мандат, приоритет ќе биде враќањето на Чаир на граѓаните, преку ред, правда и јавна отчетност.